Општина Охрид ќе распише меѓународен тендер за избор на банка кај која долгорочно ќе се задолжи, со цел да ги исплати старите долгови. На тендерот ќе биде избрана банката која ќе понуди најповолни услови за кредитирањето.

Како што е познато на последната седница, советниците донесоа одлука за долгорочно кредитно задолжување во висина од 360 милиони денари, што претставува околу половина од годишниот буџет на општината.

Сега се чека одобрение од министерството за финансии за да може и официјално да започне спроведувањето на постапката.  

Со парите од кредитот ќе се плаќаат по приоритет достапените извршни решенија кон фирмите на кои им должи општината, чии затезни камати во голема мера го оптоваруваат општинскиот буџет, вели претседателот на советот, Душко Јаковчески.  

Ова следи одкако Владата донесе одлука општините кои не се во втора фаза на децентрализација да може да се задолжат со долгорочни кредити за да ги вратат долговите и со тоа да го исполнат условот за премин во втората фаза. Условот при задолжувањето е да тоа не ја премине висината од еден годишен буџет и ануитетите да не се повисоки од 30% од годишниот буџет.
Советот на општина Охрид одлучи годишниот ануитетит да не е повисок од 15%.

 Со долгорочното задолжување општина Охрид се надева дека конечно ќе исплати поголем дел од долговите кои години наназад се спомнуваат како пречка за развој на општината и влез во вората фаза на децентрализацијата.

OhridNews