Општина Охрид распиша Јавен оглас за доделување на дозвола за вршење превоз на патници на линијата Охрид-Трпејца-Св.Наум-Охрид.
Времетраењето на дозволата е за период од 5 години.
Дозволата ќе биде доделена на оној правен субјект кој во целост ги исполнува условите од јавниот оглас, понудил највисок паушал за користење на автобуски постојки за реализација на пакет линијата за период од 5 години и ги потпишал изјавата за прифаќање на максималните цени по релација за превоз на патници утврдени со Одлуката за општински линиски превоз на патници во Општина Охрид донесена од страна на Советот на Општина Охрид по предлог на одделението за сообраќај при Општина Охрид и Изјавата со која неотповикливо се согласуваат дека во целиот период на важност на дозволата ќе ги почитуваат дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај (Сл.весник на Р.М бр.163/18) и ќе вршат превоз на ученици (средно и основно образование) од најблиската автобуска постојка во местото на живеење на ученикот до најблиската автобуска постојка на училиштето. – стои меѓу другото во објаавата на официјалната веб страница на Општина Охрид.
Најповолниот превозник за огласената линија ќе биде избран по одржување на електронското наддавање.
Поради неповолни економски услови, АД „Галеб“ Охрид од 6 јануари повеќе не сообраќа на линијата Охрид – Св. Наум во вообичаените 6 термини дневно.
- Се откажавме од одржување на линијата Охрид – Св. Наум поради тотална економска неисплатливост и нелојалната конкуренција, односно дивиот превоз. Одржавме состанок со одговорните во Општина Охрид, на кој укажавме дека како компанија повеќе не сме во можност да ги трпиме финансиските загуби. – изјавија тогаш од „Галеб“ за OhridNews.
Општина Охрид очекува со распишаниот јавниот повик да се реши настанатата состојба, од која најзасегнати се жителите од најодалечените краеви на источното крајбрежје.
OhridNews