Околу 6.500 евра или точно 403.018 денари изнесува долгот кој основното училиште „Григор Прличев“ од Охрид го има кон ЕВН Македонија. Со цел да не дојде до повторно исклучување на училиштето од системот за електрично снабдување, општинскиот совет вчера усвои Предлог Одлука со која општина Охрид ќе го преземе исплаќањето на овој долг.
Секретарот на општина Охрид Димитар Спасески појасни дека средствата со кои ќе се исплати долгот се дел од блок-дотациите кои се наменети за училиштата.
-Парите со кои ќе се изврши уплатата се од блок-дотациите кои се на ставката за трансфер до образовните институции, кои нормално ги исплаќаме само што со оваа одлука овозможуваме исплатата директно кон ЕВН Македонија да ја изврши градоначалникот, како основач на училиштето, рече Спасески.
Тој објасни дека проблемот со блокираната сметка на училиштето кој произлегува од проблемот со имотно правните односи е се уште актуелен.
-Иако правиме максимални напори за одблокирање на тој процес, сепак ние сме само едната странка во случајот, а за да дојде до некаков договор потребно е двете страни да се договорат, како би се одблокирала сметката и ова училиште би немало потешкотии во директната исплата на средствата, изјави Спасески.
Инаку во текот на ноември 2014 година, Советот на општина Охрид на итна седница донесе одлука за исплата на заостанатиот долг кој училишето „Григор Прличев“ го имаше кон ЕВН и поради кој на неколку дена беше исклучено од електричното напојување.
OhridNews