Сериозната посветеност на Општина Охрид во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, во делот на уредување и управување со крајбрежјето е веќе видлива на терен, изјави денеска градоначалникот Константин Георгиески на прес конференција во Лагадин, која уследи откако УНЕСКО го потврди Извештајот на Реактивната мисија од 2017 година, која предлага Охридскиот регион заради покажаната негрижа од страна на властите на централно и локално ниво, треба да биде ставен на листата на заштитени подрачја во опасност.
Тој рече дека извештајот се однесува на претходниот период и дека во меѓувреме Општината покажала вистинска волја, капацитет и подготвеност да се соочи со проблемите да отпочне со средување на наследените катастрофални состојби, со акцент на бесправно изградените градби на плажите, на што интензивно се работи.
Ставаме крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас. Речиси целосно се расчистени плажите од Пештани до хотел Метропол. Со помош на механизација, отстранети се нелегални градби, платформи, постаменти од бекатон плочки и ѕидови од најразлични градежни материјали. Откриени и отстранети се голем број нелегални одводни цевки и јами од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро. – додаде градоначалникот.
Плажите каде се урива ќе бидат подготвени за сезоната
Георгиески истакна дека плажите на време ќе бидат подготвени за претстојната главна туристичка сезона. За таа цел на местата каде што е извршено уривање, по налог на Општина Охрид веќе се ангажирани екипи на јавните претпријатија кои вршат чистење на остатоците од бетон и градежни материјали, а се врши и уредување на постоечкото зеленило.
Исто така, на одредени локации од крајбрежјето, во текот на наредниот период, ќе бидат засадени нови украсни растенија и дрвја, а просторот ќе биде уреден со автохтон песок. Во рамки на своите можности, Општина Охрид максимално ќе се потруди да ги обезбеди сите потребни услови за непречено користење на плажите од страна на граѓаните и туристите, за разлика од годините наназад кога нелегално се наплаќаше за влез, лежалки и паркинг. – рече Георгиески.
Уривањето на плажите ќе продолжи
Во текот на наредниот период активностите за отстранување на градби кои го загрозуваат статусот на регионот во УНЕСКО, ќе бидат засилени со помош на механизацијата која со одлука на Владата и отстапена на Општина Охрид од страна на ЈП „Македонија Пат“. Откако ќе финализираат активностите за уредување на плажите во потегот на „Лагадин“, населбата „Свети Стефан“ и „Горица 3“ ќе се пристапи кон отстранување на нелегалните објекти и платфомите во делот на месноста „Елешец“ и во централното градско подрачје, најави Георгиески.
Во наредниот период ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите на плажите во градската зона од каналот „Студенчишта“ кон „Горица 1“ и плажите во делот на населбата „Канео“, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план. Оваа можност сакам да ја искористам и повторно да потенцирам дека нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети согласно законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките. – рече Градоначалникот.
Правеле милиони, а не плаќале ниту концесија
Георгиески смета дека очекувани се реакциите на дел од поранешните концесионери на плажите, што, според него, се должи на фактот што тие години наназад остварувале противправна корист и огромни приходи, граделе и узурпирале надвор од договорите за концесија на земјиштето. Дел од нив иако имале договори за плажи работеле како ресторани и ноќни клубови и нелегално ги издавале под закуп, посочи Георгиески, додавајќи дека тоа тие продолжиле да го прават и кога договорите за концесија веќе им биле истечени и не плаќале никакви надоместоци за наем и користење на земјиштето.
Во финансиските анализи кои ги направи општината и информациите кои ги добивме од останатите надлежни институции дојдовме до фрапантни цифри на остварен приход во период кога поранешните концесионери немале активни договори за концесија. На пример фирма концесионер на плажа за период од четири години кога немала активен договор за концесија остварила приход од 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа исто така без договор за концесија, за истиот период остварила приход од 59 милиони денари, а трета фирма за стопанисување на плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници на месечно ниво, – рече Георгиески.
Екологистите да се покажат и на терен
Градоначалникот на Охрид вели дека целосно е посветен на процесот за регулирање на ваквите состојби и упати апел до невладините организации и еколошки друштва, да покажат посветеност и да дадат свој придонес директно на терен.
Освен препораките на УНЕСКО, зад нашите заложби стои законот, правото и прописите кои задолжително мора да се почитуваат. Оваа можност ја користам да се обратам до еколошките здруженија „Охрид СОС“, „Фронт 21/42“, останатите еколошки здруженија и еко активисти кои тековно го следат и редовно го коментираат целокупниот процес на исполнување на препораките и јавно да ги поканам да се ангажираат на терен и да помогнат во процесот на уредување и оплеменување на плажите.
OhridNews
УНЕСКО го потврди негативниот извештај за Охрид, премиерот вели дека е свесен за жолтиот картон