Општина Охрид остро го осуди синоќешниот инцидент во Охрид, кога непознати сторители со спрејови нагрдија три грчки автобуси во центарот на градот. Во реакцијата на портпартолот на Општина Охрид, Никола Маневски, се вели:

„Синоќешниот немил настан со нагрдување на неколку патнички автобуси со грчки регистарски таблички, со кои стотина грчки гости допатувале во светиот Охрид за да го прослават христијалнскиот празник ПОКЛАДИ, заслужува сеаква осуда и е непримерен за космополитскиот дух на Охрид – градот кој бил одавнина духовно место за бројни намерници и гости и град со право нарекуван „Ерусалим на  Балканот“.

Во името на  општината и нејзинините органи- градоначалникот Петрески и Советот на општината чиј претседател е Владо Чингоски, ја изнесувам заедничката осуда на спомнатиот непримерен чин.Се надевам дека штетните поуки од ваквите непромислени потези на поединци и организаирани мангупски групи веќе се извлечени и дека ваквите појави наидуваат на осуда  од страна на секој добронамерен граѓанин на Охрид.

Охрид како туристичко место треба да очекува што повеќе гости особено од странство  а притоа да ја искажува традиционалната гостопримливост за да дојдат гостите повторно. Охрид е град на туризмот, па макар и духовниот и црковниот, па оттука ваквите испади ги означуваме како отворена антипропаганда за нас како град, како Општина и Република. Конечно, треба да се сфати дека туризмот и празнувањето верски празници  нема никаква допирна точка со дневната политика.

Општина Охрид и градоначалникот Петрески го осудуваат овој настан и очекуваат органите на прогонот како и секогаш досега да бидат ефикасни во откривањето и казнувањето на сторителите“, се вели во соопштението на портпаролот на Општина Охрид, Никола Маневски.

Ohridnews