Вчерашната изјава во медиумите на претседателот на невладината организација ФОРУМ ЗА РАЗВОЈ НА МЛАДИТЕ, Митко Јанкулоски, предизвика реакција во општинската администрација.
„Огласувањето на НВО „Форум за развој на младите“ со божемната загриженост од степенот на урбанизацијата на градот, заканата дека ќе повика и други невладини организации да се приклучат во „одбраната“ на месноста „Бејбунар“ со барање да се повлече донесениот ДУП, не е ништо друго туку злоупотреба на постоењето на невладиниот сектор кој во „нормални“ држави е мерило за демократската свест на граѓаните и артикулиран партнерски однос со власта“, стои во општинската реакција.
Оттаму сметаат дека „злоупотребата на префиксот НВО во спомнатиот случај се состои во тоа што нејзиниот претседател не е никој друг туку човекот кој во локалните избори беше истакнат активист во изборните штабови на ВМРО -ДПМНЕ. Нормално, нема ништо лошо во тоа некој да се надградил себеси и да се трансформирал, но некоректно е кон граѓаните и демократскиот амбиент, една партиска творба и продолжена рака на партијата да се претставува како НВО. Уште повеќе, лажењето на народот е во тоа што таквиот партиски сателит завиткан во обланда на НВО се јавува само тогаш кога треба да им помогне на поединци во ОК на партијата, ама таа помош да звучи како да е тоа „глас“ на народот“.
Од Општина Охрид велат дека во меѓупартиската битка не само што се води политичка хајка против актуелниот градоначалник, туку на нечесен начин се инволвира и невладиниот сектор.
Ohridnews