Општина Охрид очекува жиро сметката на јавното комунално претпријатие од Охрид да биде одблокирана, откако во очи Нова година УЈП ја блокира истата поради долг од 5 милиини денари.

Градоначалникот на Охрид, Алексндар Петрески, информираше дека разговарал со министарот за финансии Трајко Славевски, кој како што рече и самиот бил изненаден од новонастанатата ситуација. Петрески очекува дека државата ќе има разбирање и дека ќе ја одблокира смeтаката на ЈП „Охридски Комуналец“ со што нема да биде доведено во прашање одржувањето на јавната хигиена во градот за новогодишните празници, кога во Охрид се очекуваат околу 10.000 туристи.

„Охридски комуналец е единственото јавно претпријатие чија сметка е блокирана, а за разлика од останатите комунални претпријатија во Македонија има најмал долг“ изјави вчера градоначалникот Александар Петрески и потсети дека струшкото претпријатие има долг од 25 милиони денари и скопското над двесте, а немаат блокирани сметки. „Ова е опструкција на  централната власт,пред Нова година да го блокира  јавното претпријатие и градот да остане неисчистен и во хаос“ додаде градоначалникот.

Портпаролот на Министерството за финансии, Мартин Мартиноски, во изјава за Ohridnews, рече дека нема никаква тенденција во случајот со блокираната жиро сметка на јавното претпријатие „Охридски Комуналец“. „Градоначалникот не треба да ја критикува државата, туку менџментот кој тој го поставил во јавното претијатие, а кој не ги подмирил своите обврски кон државата“, рече Мартиноски. Тој вели дека нема никава интенција во тоа што блокирањето на жиро сметката се случува околу новогодишните празници, бидејќи како што рече, сите се должни да ги подмируваат своите обврски кон државата било да се тоа јавни претпријатија или приватни фирми.

Ohridnews