Во Охрид има околу 700 дивоградби за чие рушење се потребни околу милион евра. Општинската каса е празна, а во локалната самоуправа и не се подготвени, како што истакнуваат, да рушат цели населби.
– Дивоизградените објекти се стари и по 10-15 години и државата сега бара да го направиме она што таа во изминатиот период и покрај донесените одлуки и решенија за рушење не го направи, истакнува охридскиот градоначалник Александар Петрески по најавите дека Државниот градежен инспекторат од Скопје доаѓа во Охрид.
Наш став е, додава Петрески, да се легализира се што може да се вклопи во урбанистичките планови и само во исклучителни случаи да се рушат куќи во кои веќе подолг период живеат луѓе.
– Со легализација на објектите Општината ќе успее за пет до шест месеци да го врати долгот од три милиони евра, бидејќи 90 проценти од буџетот се пополнува токму со комуналните такси. За неполни две години Општината успеа да врати осум милиони евра и ова е една од главните причини дивоизградените објекти да се легализираат, а не да се рушат, вели Петрески.
Според него, Охрид веќе од наредната година ќе и стави крај на пребрзата урбанизација. Тој вели дека во 2007 година Охрид, комуналните такси во Охрид, кои во атрактивниот дел покрај езерото се движат и до 200 евра по квадратен метар, ќе се зголемат најмалку двојно. Со тоа, смета Петрески, во Охрид, посебно во централното градско подрачје, ќе биде неисплатлива каква било градба.
Општината нема да ги урива дивоградбите
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com