Информациите кои ги лиферуваат  некои медиуми, професионално повикувајки се на пишувањето на списанието „Капитал“, поточно на изјавата на Никола Макшејн директор за комуникации во „Хилтон“ дека „…компанијата е фокусирана на развивање брендови на други подрачја…“, не значат сами по себе дека општина Охрид „извисила“ бидејки во целата досегашна фаза на купопродажба на земјиштето кај „Горица три“ за изградба на елитен хотел, постапката ја води Министерството за транспорт и врски.

Ова стои во рекцијата од службата за информирање при локалната самоуправа во врска со информациите дека изградбата на хотел Хилтон на брегот на Охридското Езеро се проблематизира.

Во соопштението уште се вели:

Ваквиот след на работите е нормален со оглед дека станува збор за земјиште во сопственост на државата, а и тендерот за купување на земјиштето беше објавен од страна на ресорното министерство. На тендерот, како што е познато како најповолен понудувач беше избрана, од страна на Владата, фирмата „Соравиа“ од Виена. Општината станува „партнер“ пред почетокот на изградбата заради регулирање на комуналните давачки.  
   
Во целата оваа фаза, Локалната самоуправа и Градоначалникот само ја изразија својата заинтересираност за таквата инвестиција и подготвеност да го исполнат свој дел од обврските кои ќе произлезат од инвестицијата. Фирмата „Соравиа“ во своите бизнис планови за спомнатата инвестиција за изградба на елитен хотел го посочи ланецот на „Хилтон“ хотели. Во досегашните контакти со „Соравиа“ како договорна страна-инвеститор со Владата на Р.Македонија, Градоначалникот Петрески го искажуваше интересот на Општината за што побрза реализација на изградбата на хотелот. На тоа се базираа и неговите изјави во јавноста. 
   
Контактите од тој аспект со „Соравиа“ се  во тек.  Локалната власт и Градоначалникот на Охрид не се информирани ниту од Владата односно ресорното Министерство, ниту од „Соравиа“ дека е настаната промена во првичната заинтересираност на австриската фирма за градење на хотел на спомнатата локација на охридското крајбрежје, се вели во соопштението на службата за информирање при локалната самоуправа.