Општината ќе ги урива старите дотраени куќи кои се во фаза на распаѓање, најавува раководителот на општинскиот инспекторат Танас Танасоски.


Неодамна Оhridnews, објави сторија за куќа на улицата „Кузман Капидан“од која секојдневно се одронуваат делови од надворешните ѕидови. Мештаните стравуваат дека оваа куќа секој момент може да се урне и да повреди некого. Посочената куќа е една од дваесет и два стари и руинирани објекти во Охрид, кои се во толку лоша состојба што мора да се урнат, вели Танасоски.


Од општинскиот инспекторат информираат  дека во тек е изработка на проект за уривање на старите куќи, што ќе го врши овластена компанија, која ќе биде избрана на тендер кој е во тек.

Досега во Македонија се изработени само два такви проекти. Едниот беше за таканаречениот „Кинески ѕид“ во Скопје, а другиот го изработи охридскиот Завод и Музеј за старата градска библиотека, вели Танасоски. Тој вели дека општината на неколку наврати ги известила сопствениците на старите куќи дека треба истите да ги санираат, но до сега тоа не било направено. Поради тоа општината ќе ги урне тие куќи, а трошоците ќе паднат на товар на сопствениците. Остануваат спорни уште 4 куќи во стариот дел на Охрид од чии сопственици ја немаме добиено потребната согласност, но очекуваме и овој проблем да биде решен до крајот на месецов, рече Танасоски.

Г.М.