Постапка без вкус на деловност. Вака Општината Охрид го толкува случајот околу подмирувањето на обврските со „Авалон“ продукција во врска со настапот на Каролина и групата „Ареа“ во Охрид ланската Нова година. Според локалната самоуправа случајот бил непотребно експлоатиран во медиумите од страна на АВАЛОН продукцијата. Локалната денеска реагираше на обвинувањата на „Авалон“ со соопштение кое ви го презентираме во целост:
Точно е дека Општина Охрид и „Авалон“ Продукција имаат спор околу договорот за настап на нивните екслузивци Каролина и АРЕА на дочекот на 2007.година на Плоштадот во Охрид, меѓутоа не станува збор за спор заради неплаќање на обврската, туку заради неисполнување на Договорот од страна на АВАЛОН Продукција.
Имено, за разлика од настапот во живо на групата АРЕА, Каролина Гочева на дочекот на Новата 2007. на плоштадот не настапи во живо и со вокално-инструментална придружба, туку нејзиниот настап беше на „матрица“ што беше непријатно изненадување и вистинско разочарување за сите на градскиот плоштад.
Тоа е суштината на целиот спор во кој непотребно и без вкус за деловност АВАЛОН сега ги инволвира медиумите. Тоа е и причината зошто Општина Охрид, за овој непотребен и непријатен настан, ќе чека последниот збор да го каже Судот.
Нервозата на АВАЛОН Продукција најверојатно е предизвикана од тоа што оваа година понудите за настап на нивните ексклузивци за дочек на Новата 2008 година воопшто нема да бидат разгледувани од Комисијата формирана за оваа намена. Од друга страна, контактите со другите продукции се одвиваат нормално. Голем дел од нив веќе имаат доставено понуди и истите ќе бидат разгледани деновиве. До крајот на неделава ќе се знае кој ќе настапи на градскиот плоштад во Охрид за дочекот на Новата 2008.
Што се однесува до изјавата на еден од сопствениците на АВАЛОН, најмалку што може да се каже е дека таквото однесување не е во духот на деловните односи и дека не може на таков начин да се гради долгорочна соработка. Своето готопримство општина Охрид го има докажувано и покажувано пред многу попознати звезди било да се музички, филмски и други уметници кои доаѓале во Охрид. Би било корисно за сопствениците на АВАЛОН да се информираат кај тие звезди за нивното искуство од соработката со Општина Охрид па можеби ќе научат како не смее на многуилјадна публика да и се подметне „матрица“ наместо пеење во живо, се вели во соопштението на одделението за односи со јавност при Општина Охрид.
Наспроти ваквите ставови на општината, сопствениците на „Авалон“ продукција, браќата Даниел и Бобан Милошески, тврдат дека тие се оштетена страна во спорот, за што се повикуваат на судската одлука во нивна корист, а која општината Охрид ја обжалила до апелација. Тие сметаат дека „Авалон“ продукција е оштетена во случајот бидејќи, како што велат, согласно потпишаниот договор, општината не им ги исплатила договорените пари за настапот на Каролина и груопата „Ареа“ на градскиот плоштад во Охрид за ланската Нова година.
И додека општината и „Авалон“ спорат во медиумите околу ланската Нова година, се доближува „новата„ Нова година. Организацискиот одбор сеуште не ги соопштува имињата на пејачите кои ќе настапат во Охрид на градскиот плоштад за Нова година, освен информацијата дека се преговара со неколку еминентни музички имиња.
Горан Момироски