Соочувајки се со се поголем број поплаки и укажувања на гости и граѓани за непримерниот однос на одделни таксисти кои ги поткраднувале корисниците на такси превозот на разни начини, а најчесто со самоволно одредување на сумата што треба да се плати за превозот, локалната самуоправа Охрид воведе дежурен телефон со цел  елиминирање на таквите појави.

Локалната самоуправа соопшти дека почнувајки од денеска, секој корисник на такси услуги кој е оштетен парично од страна на таксистот, може да го пријави случајот на Општинскиот Инспекторат во било кое време на телефоните  (046) 27 33 66 и 070 352 444.

При пријавувањето, корисникот треба да го наведе бројот и компанијата на такси  возилото , а Испекторатот презема обврска веднаш да интервенира и го санкционира случајот согласно важечките прописи, се вели во соопштението..

Локалната самоуправа очекува полна и корисна соработка од страна на корисниците на такси-превозот со цел да се стави крај на самоволието на одделни таксисти од кое трпат штета и  граѓаните на Охрид  и туристите, но се нарушува и угледот на сериозните такси компании и на Охрид како град, стои во соопштението.

Инаку како што веќе пишуваше ohridnews, дел од охридските таксисти  воведоа сопствен ценовник и наплаќаат по своја желба . За охриѓани тие  откако почна туристичкиот шпиц  се недостапни, а на гостите од странство и од другите градови им наплаќаат дупло повисоки цени од вообичаените.

Граѓаните и гостите се жалат дека за  релации како таа од  центарот на Охрид до Билјанини извори  им се бара и до 200 денари и дека одредени таксисти одбиваат да вклучат таксиметар.

Ваквото непримерно однесување на дел од такси превозниците негативно влијае на имиџот на Охрид, бидејќи впечатокот што оштетените туристи го понесуваат со себе дома е крајно лош.

ohridnews