Здравствениот дом од Охрид и локалната самоуправа бараат од владата и ресорното Министерство за здравство да ја прогласи општина Белчишта за рурална средина со цел амбулантаата во ова населено место да почне да функционира.
Речиси една година селските амбуланти во делови од Дебрца не работат. Лекарите кои стравуваат дека нема да имаат доволен број пациенти за да склучат договор со Фондот за здравство, не се пријавуваат на јавниот повик за концесионирање на амбулантите во оваа општина. Поради ова, граѓаните, претежно стари и изнемоштени лица, на лекар мора да патуваат дури до Охрид.
Доколку владата го прогласи ова подрачје за рурално тогаш државата го гарантира паричниот надоместок на лекарите со што ќе се отвори простор да се јават заинтересирани за концесионирање на селската амбуланта во Белчишта и другите населени места во Дебарца, велат од Здрваствениот дом во Охрид.
М. Трајковски