Според последните мерења, нивото на Охридското Езеро сеуште стои на 24 сантиметри над дозволената кота, но најавите за дождови и ветер во текот на викендот ги мобилизираа државните и општинските власти, кои денес интензивно се координираа и договараа, за превенивните мерки и начинот на заштита, доколку дојде до големи бранови.


Најкритични точки од крајбрежјето, според Координативното тело за превенција на Општина Охрид се населбата Канео, Делот од градското пристаниште до Каналот Студенчишта, Пештани, како и селата Лакочерај и Орман, каде што може да дојде до повторно излевање на реките.

-Планираме конкретни превентивни активности во делот на целото крајбрежје на езерото и во делот на реките од неговото сливно подрачје. На критичните точки ќе се поставуваат вреќи со песок и големи камења, како кршачи на бранови, затоа што според хидрометеролошките најави, се очекуваат поголеми бранови. –изјави Александар Петрески, градоначалник на Охрид. Тој објаснува дека треба да се направи се што може да се направи, како превентивна мерка,  за да се спречат  поголеми штети.



Доколку  дојде до поголеми проблеми со излевање на езерото и поплави, на помош ќе излезат и припадниците на АРМ, кои во моментов се мобилизирани и орагизирани во   пет тима.

-Се донесе одлука,  Кординативното тело од утре да дејствува од Охрид, со цел подетално да се следи состојбата на терен.  Сите релевантни институции и државни органи се максимално посветени, подготвени и мобилни за извршување на задачите во врска со последиците од евентуалните природни непогоди.-изјави денес во Охрид, министерот за одбрана Зоран Коњановски.


Општината и државата координирано ќе го бранат крајбрежјето од брановите
OhridNews