Локалната самоуправа  како инвестицони приоритети во основните училишта годинава ги има  реализацијата на проектите заработа со талентирани ученици, сервисирањето и набавката на противпожарна опрема, како и обезбедувањето на училиштата со чуварски служби. За овие, но и за другите зафати во основните училишта за годинава се планирани  18 милиони денари.

Дограмата ќе се заменува во основните училишта „Кочо Рацин“, „Свети Наум Охридски“, „Свети Климент Охридски“, „Живко Чинго“, „Христо Узунов“ и „Методи Патче“.

Зградата на „Братство -единство“ во Лескајца треба да добие реновирани санитарни јазли, во „Григор Прличев“ треба да се направат конструкции за кошеви и да се набават кош-табли. Во основното училиште „Христо Узунов“, локалната планира да ги замени  калориферите во фискултурната сала.

Околу 10,5 милиони денари од општинскиот буџет треба да се потрошат за осовременување и тековни работи во средните општински училишта.

Покрај замената на дограмата, ќе се молерисуваат гимназиската и економската зграда и фискултурните сали на општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“. Економската зграда годинава се очекува да добие и нова фасада.

Во ЕМУЦ „Свети Наум Охридски“, освен дограмата, локалната самоуправа планира да го изгради и затворениот премин помеѓу училиштната зграда и училиштната работилница, а во средното угостителско туристичко училиште „Ванчо Питошески “ има намера да ги санира подовите во училниците.

За сите средни училишта годинава се издвоени средства и за осовременување на кабинетите за практична настава и на лабораториите.

Објектите од детската градинка „Јасна Ристеска“ ќе бидат санирани и реконструирани со средства во висина од 4.222.000 денари.

За Програмата за образование и детска заштита за која општинскиот совет даде зелено светло на последната седница, се издвоени  32. 694. 000 денари.