Општината смета дека  Управата за јавни приходи-УЈП, треба да го провери  работењето на охридските хотели бидејќи освен неколку помали капацитети, најголемиот број  хотели на ривиерата ја немаат подмирено во целост туристичката такса. Според официјалните податоци на општината сите хотели на ривиерата доцнат со плаќање на туристичката такса, а дел за да ги избргнат законските обврски пријавувале искористеност на капацитетите и помалку од 5%.

Годинава од туристичка такса на сметка на општината  ќе легнат 10 милиони денари што е само 60 % од предвидените средстства по овој основ. Тоа значи дека буџетот на оппштина Охрид оваа година ќе биде оштетен за близу 10 милиони денари кои незаконски ќе завршат во приватни џебови.

Голем дел од хотелите и приватните станоиздавачи ја немаат уплатено туристичката такса, или вршат неточна евиденција на остварени ноќевања, но најголем проблем е тоа што општината не располага со точни податоци за бројот на легла во Охрид, вели претседавачот на Советот Владо Чингоски.

Прблемот е во регистрирањето на гостите. Потребно е  најпрвин да се изврши категоризација на  приватните станоиздаватели, капацитетите на комерцијалните веќе се знаат, како и да се воспостави компјутерска врска помеѓу давателите на услуги со полицијата со Управата за јавни приходи и со локалната самоуправа, изјави за ohridnews,  Чингоски. Според него исто така потребно е да се врши  поширока контрола не само  од туристичкиот  инспектор туку тоа треба да го прави и УЈП бидејќи се остваруваат приходи кои не се пријавуваат.

Иако Секторот за локалeн економски развој повеќе од две години години работи на категоризација на сместувачките капацитети , општината сеуште не го знае точниот број на легла, а контролата на сместувачките капацити во најголемиот туристички центар во земјaва сеуште ја врши само еден инспектор по туризам. Советот сега бара Секторот за локалeн економски развој најитно да изврши категоризацијата на сместувачките капацитети и да иницира измена на Законот за туризам со цел да се подобри наплатата на туристичката такса и да се зголемат  ингеренциите на општинските инспекциски.

Г. Момироски