Општина Охрид и јавното комунално претпријатие деновиве писмено се обратиле до премиерот Никола Груевски со барање да биде трајно решено прашањето околу одржување на плажите на охридската ривиера.

Вршителот на должност директор на ЈП „Охридски Комуналец“, Сашо Алче, посочи дека  засега не е решено прашањето за одржување на околу 20 километри брегова линија од Охридското Езеро која не е издадена под концесија.Тој вели дека тоа на неколку пати им било предочено на Министертството за транспорт кое се јавува како издавач на концесииите и на Министерствтото за животна средина, но одговор оттаму не бил добиен.

Пред една недела се обративме и до премиерот и до министрите, со цел пред почетокот на туристичката сезона да се најде начин плажите постојано да бидат одржувани, а не како досега ЈП „Охридски Комуналец“ да ги чисти плажите со акции, изјави Алче.

Сличен проблем со одржување на плажите имаше и минатата година кога до јавното претпријатие пристигна допис од Министерството за транспорт во кој беше потенцирано дека чистењето на плажите на охридската ривиера е обврска на локалната самоуправа. Од „Комуналец“ се надеваат дека оваа година ќе биде изнајдено соодветно решение за проблемот, бидејќи јавните плажи се сопственост на Република Македонија, а градот нема ингеренции над нив.

Ohridnews