Со оглед на зачестените интервенции на спасителите на вода кои се распоредени на капалиштата Канео и Потпеш, а кои се однесуваат на извлекување од  езерската вода и укажување на прва помош на млади лица, кои се повредиле од скокање во вода од карпата „Кукуле“ кај Канео, општина Охрид апелира до охриѓани и гостите во иднина да се воздржат од вакви ризични скокови со цел да не дојде до несакани случувања со трагичен крај.

-Карпата „Кукуле“ е со  недоволно безбеден пристап и не е наменета за скокање. Нерамното плитко и небезбедно дно во езерото каде се доскокува, може да има фатални последици по животот на неискусните скокачи кои немаат доволни сознанија за опасноста на теренот, велат од општината.

Во просек спасителите на вода при Црвен Крст Охрид во рамки на секоја туристичка сезона кај карпата на Канео интервенираат преку 10 пати. Настраданите се со сериозни осекотини, искршеници или повреди на рбетниот столб. Неодамна по скок во вода од ова опасно место со сериозни повреди се здоби 16 годишна девојка.      

OhridNews