Општина Охрид нема да ја толерира политиката на ВМРО- ДПМНЕ со која покрај партизацијата на сите сфери во државата дрско се партизира и уништува културата, се вели во реакцијата на локалната самоуправа, во која уште еднаш се потенцира дека Охрид нема да се кандидира за Град на културата за 2011 година, затоа што во изминатите години се покажало дека изборот се врши не според понудените програми туку според партиски интереси на ВМРО- ДПМНЕ.

– Несфатливо е како изминативе неколку години  наместо Охрид, најважниот културен центар во Македонија заштитен од УНЕСКО како природно и културно наследство, за градови на културата се прогласуваат оние каде е важно дека власта ја има ВМРО- ДПМНЕ, а не какви програми понудиле. Нема да си дозволиме и овој пат да бидеме вовлечени и изманипулирани во перфидните партиски игри на ВМРО- ДПМНЕ со кои дрско и безобзирно му се нанесува штета на Охрид.-се вели во општинската реакција.

Според локалната самоуправа далеку од разумни се обвинувањата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ кон градоначалникот Александар Петрески и локалната власт во која мнозинството го има СДСМ, дека со неучеството на изборот за Град на културата, Охрид се ставал во нечие заложништво. – Јавно ги прашуваме челниците од ОК на ВМРО- ДПМНЕ зошто изминативе неколку години не лобираа во Министерството за култура кое е под контрола на нивната партија, Охрид да биде прогласен за Град на културата.-се вели во соопштението.

Според општината Охрид, ОК ВМРО ДПМНЕ е во заложништво и игра дволична игра, но на јавноста  ќе треба да и објасни зошто  централната власт на ВМРО- ДПМНЕ го кочи влегувањето на Охрид во втората фаза на децентрализацијата,зошто државата не вложи ниту денар за капитални инвестиции во обраазованието, зошто ги намали наменските дотации од кои  треба да се обезбеди греење за училиштата и многу други прашања. „Ако не сакаат да одговорат сега,  ги потсетуваме дека истите прашања граѓаните ќе им ги постават на следните избори“, велат од општина Охрид.