Струшката локална самоуправа преку писмено соопштение до медиумите ја обвини Централната власт дека без основа крати средства од Буџетот на општина Струга.

-Само за 2013, 2014, 2015 година Министерството за финансии има земено од џебот на граѓаните на општина Струга околу 5 милиони денари или околу 800.000 евра, не спомнувајќи ги минатите години, од каде што вкупно сумата оди до алармантни цифри, односно околу 87 милиони денари, или 1 милион и 400 илјади евра, велат од општина Струга.

Оттаму објаснуваат дека општина Струга е во фаза на завршување на 3 капитални проекти, односно изградба на новото шеталиште, градење на кружниот тек на магистралата  Струга – Ќафасан и импровизираниот кружен тек во центарот на градот за само 28 милиони и 500 илјади денари.

-Значи, 3 гигански проекти, од кој еден од нив – кружниот тек на магистралата требаше да се гради од страна на Владата заради надлежностите, специфичноста и  опасноста, се ефикасно реализирани од страна на општина Струга. Владата на ВМРО-ДУИ, наместо да го поддржи овој проект, за да се спасуваат човечки животи, преземаше мерки за да го спречи овој проект. По ова логика на компарација, ако за само 28.500.000 денари реализираме 3 проекти, замислете какви инвестиции ќе спроведевме со 1 милион и 400 илјади евра , кои буквално се украдени од страна на Владата на ВМРО-ДУИ, велат од општина Струга, нагласувајќи дека со овие средства ќе можеле да се направат нови тротоари, да се обезбеди греење за училиштата, да се инвестира во ревитализација на патишта и улици како други проекти.

OhridNews