Општина Струга не се согласува со одлуката на Владата која пред два дена на седница на предлог на Министерството за транспорт и врски ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, која се однесува на плажите кои биле предмет на закуп, а која предвидува сите концесионери чии договори се истечени или раскинати задолжително да ги вратат плажите со кои стопанисувале во првобитна состојба.

Владината одлука е популистичка мерка за добивање гласови, која погубно ќе се одрази бидејќи голем број стружани живеат од туризмот. -велат од општината.

Општина Струга смета дека фокусот на Владата сега треба да биде на решавање на кризата предизвикана од Ковид 19, и да помогнe на туризмот, а не да носи уредби кои дополнително ќе ги усложнат состојбите во овој сектор.

За разлика од Струга, Општина Охрид смета дека со донесената одлука конечно ќе се стави ред во искористувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро за туристички цели, кое се провлекуваше како проблем, години наназад. Оваа одлука придонесува за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се во насока на минимизирање на заканите на исклучителната универзална вредност, смета градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески.

OhridNews