Министерството за животна средина и просторно планирање во соопштението испшратено до медиумите демантира дека дало позитивно мислење за изградба на депонија кај струшкото село Радожда.
Општина Струга на 13-ти октомври побара мислење од МЖСПП, што според Законот треба да биде дадено во рок од 90 дена. Во доставеното барање нема соодветна документација, како и постапка за оценка на влијанието на депонијата врз животната средина. Нема картографски приказ за катастарската парцела, ниту доказ дека депонијата е влезена во просторниот и во генералниот урбанистички план. Наместо тоа доставена е само барање и Одлуката на Советот на општината за изградба на депонијата, се вели во соопштението.
МЖСПП укажува дека изградбата и депонирањето на отпад на депонијата Радожда се почнати без одобрение од Министерството и бара тие да бидат прекинати.
Политизирањето на целокупната постапка го сметаме како притисок од страна на локалната власт за добивање акти за изградба на депонијата, иако таа во моментов не ги задоволува или нема докази дека ги задоволува минимум техничките услови, стои во соопштението на МЖСПП.
Жителите на село Радожда пред три дена го блокираа пристапот до депонијата и не дозволкија камионите на јавното комунално претпријатие да го истурат сметото таму. Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко тврди дека депнијата е изградена законски по највисоки стандарди и дека нема да ја загадува животната средина, а протестите на месното население ги оцени како политички мотивирани.