Поради неплатен долг кон ЕВН струшките основни училишта останаа без електрична енергија, поради што од страна на советот на родители е најавено дека нивните деца ќе ја бојкотираат наставата доколку не се реши проблемот.
Градоначалникот Зијадин Села на денес одржаната прес конференција изјави дека општина Струга е подготвена да го плати долгот за електрична енергија во струшките основни училишта, ако ЕВН овозможи плаќање на рати.
– Општината минатата година го презеде плаќањето на долгот за електрична енергија од околу 6.300.000 денари во струшките основни училишта заклучно со ноември и тој долг редовно се плаќа на рати. Во меѓувреме, поради блокираните сметки на училиштата, се наталожи нов долг за електрична енергија. Подготвени сме да го преземеме и овој долг за електрична енергија од два милиони денари, но и сите долгови кои ќе се направат во меѓувреме во образованието за да не играме политика со децата. Ако ЕВН и кој било друг не сака да слушне за ова и ако сака да има бојкот во образованието во Струга, ќе има, и јас ќе го поддржам, рече градоначалникот Села.
Според Села, исклучувањето на струјата во училишта е хајка на владеачката коалиција.
OhridNews