Во врска со дописот на општинската СДСМ околу продажбата на атрактивната локација под Плаошник, од локалната самоуправа повторуваат дека отуѓувањето на земјиштето се спроведува по барање на Министерство за транспорт и врски.
– Целата постапка се води во согласност со Законот и прописите за градење, а градежната парцела е проектирана во согласност со важечкиот Урбанистички план. Почетната цена за отуѓување на градежното земјиште е пропишана со Уредба од страна на Владата и изнесува 1543 денари по м2, а крајната цена може да достигне висина и повеќе од 20 пати од почетната. Општина Охрид од продажбата на земјиштето ќе инкасира 80 проценти од средствата, а 20 проценти ќе одат во буџетот на Република Македонија. Исто така општината ќе инкасира средства по основ на комуналии за изградба на објектот, велат од локалната самоуправа.
Оттаму, додаваат дека стариот дел на градот е опфатен со законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење или популарно наречен Законот за Охрид, во кој се одредени ингеренциите на Локалната самоуправа и ингеренциите на државните органи.
– Доколку социјалдемократите од Охрид, сметаат дека оваа пазарна цена е ниска, повторно јавно ги повикуваме да земат учество на електронското наддавање и нека понудат највисока цена и со тоа ќе дадат придонес во пополнувањето на огромниот долг кој тие го оставија. Охридските социјалдемократи, наместо да излегуваат во јавност со паушални изјави во обид да ги манипулираат граѓаните, нека понудат барем еден пример од времето на нивното владеење, во кој ќе кажат по која цена продале некоја атрактивна градежна парцела, се наведува во реакцијата од локалната самоуправа.
OhridNews