Постапката за јавно приватно партнерство се одвива исклучиво согласно законски предвидените норми и критериуми без притоа да има можност за било какво влијание на поединец, партија или било каква групација. Целиот процес е заснован врз физибилити студија која согласно законот е усвоена од страна на Советот на општина Охрид и претставува водечки документ во процесот. Таму врз основа на економски показатели од страна на експерти направена е детална анализа во врска со овој процес, се наведува во реакцијата од локалната самоуправа во врска со изнесеното на денешната прес конференција од општинската СДСМ.
– Јавноста е многу добро запознаена со сложената финансиска состојба во која се наоѓа Општина Охрид. Сметката на општината е блокирана и таа а функционира со судски лимит кој се определува со судска одлука. Тоа практично и ја ограничува можноста при реализација на овој проект да се користат сопствени средства или да се користи кредит од комерцијална банка затоа што не постои банка која што би одобрила кредит на Општина која работи со судски лимит и енормно задолжување, факт што на професорот по економија Стојаноски требаше да му биде добро познат. Од друга страна, буџетот на Општината Охрид во уште многу наредни години ќе ги лечи раните од владеењето на СДСМ во Охрид и нема да биде во финансиска кондиција да издржи една ваква сериозна инвестиција, велат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека паушален е податокот дека приватниот партнер ќе заработи неверојатна сума од 5 милиони евра, како што велат, што е економски невозможно е нелогично.
– Почитуван економист Стојаноски, Вие добро знаете дека за да се оствари ваков приход приватниот партнер треба буквално да биде спонзориран од ЕВН Македонија во делот на наплата на потрошена електрична енергија, односно да не плаќа струја што секако е невозможно и надвор од здрава логика. Општина Охрид никогаш и во ниту една постапка не се откажала од приходите по основ на комунална такса за улично осветлување особено не во нечиј интерес туку Општина Охрид низ легална постапка за јавно -приватно партнерство тие средства ги инвестира што практично и е основна намена на овие средства од буџетот, со цел градот Охрид да добие модерно осветлување и еднаш засекогаш да се реши овој проблем за граѓаните. Договорот е предвидено да трае 15 години период кога Општина Охрид би добивала 22,22% од вкупниот износ на комунална такса за улично осветлување, средства кои ќе може да бидат употребени во нови проекти од интерес на градот а по истекувањето на договорот со целиот систем ќе стопанисува Општина Охрид. За разлика од продажбата на поранешното ЕСМ модел кој е избран од страна на СДСМ кога продадена е дистрибутивната мрежа на Република Македонија, сега Општина Охрид преку модел на ЈПП инвестира во модернизација на системот на улично осветлување заедно со партнер при што модерниот систем на осветлување по истекот на договорот ќе биде во комплетна сопственост на градот Охрид, велат од локалната самоуправа.
Оттаму потенцираат дека градоначалникот Бакрачески со својот тим и по донесувањето на одлуката од страна на Советот на општина Охрид за избор на приватен партнер во овој проект, во фаза пред потпишување на договорот,во соработка со експерти од разни области ги разгледува сите параметри на евентуалниот договор за ЈПП, се со цел одлуката да биде во интерес на Охрид и единствено при донесувањето на одлуките се водиме од тој постулат.
OhridNews