На ставовите на државното ЈП за стопанисување со спортски објекти, кое најави дека ќе го оспори доделувањето на салата „Билјанини извори“ на градот Охрид пред Уставниот суд, со дополнителна реакција денеска се јали локалната самоуправа. Во неа се вели:
 
„Некако одеднаш и во предвечерието на локалните избори, владеачката партија се „сетила“ дека „нема правен основ на одлуката на Владата од 2006. година со која спортските објекти се дадени под долгогодишно владение на општините“. Некако многу блиску до изборите, се сетиле во владинте служби и претпријатија дека треба тоа да се обжали пред Уставниот Суд.

И, некако многу чудно, директорот на  државното ЈП за стопанисување со спортски објекти, Михајло Бајо, откако  ги разгледал објектите, констатирал и изјави пред медиумите „дека спортските објекти во Охрид се во катастрофална положба…“ . Демек, она што е добро за Европа и светот (првенствата во организација на ЕХФ и ИХФ) – не е добро за Михајло Бајо и неговите налогодавачи!!!

За познавачите на приликите во Охрид и особено во спортот, сосема е јасно дека се работи за интерес да се одземе Спортската Сала „Билјанини извори“ за која (покрај Спортскиот Центар) граѓаните на Охрид плаќаа самопридонес , а општиата своевремено влезе и во долгови заради нејзина дооизградба и доопремување. Приказната за состојбата на Базенот, едноставно не држи до вистината бидејки во време кога со СЦ стопанисуваше  државното ЈП, истиот тој базен се издаваше под закуп  на фирми кои немаа врска со пливачките спортови. Оттука, јасно е дека сме сведоци на репризата на играта „На ти го – дај ми го“ од страна на државата со општината. Целта е проѕирна и веќе видена, само во ново издание.

Ставот на Општината е јасен и неколку пати повторен од градоначалникот Петрески: Доколку државата толку ја сака Салата во Охрид и СРЦ „Билјанини извори“ ,  прво нека ги обештети охриѓани за самопридонесите и нека ги платат сметките кои беа товар на локалната самоуправа, па потоа нека  ги стават објектите  во своја сопственост. Нема логика , ниту тоа го има некаде во светот, еден да плаќа за изградба  на објектот, а друг да биде газда и да стопанисува со тој објект“, стои во резкцијата на Општина Охрид.

Ohridnews