Локалната самоуправа најостро го осуди вчерашниот еколошки инцидент кога поголема количина гориво преку канализационата мрежа се излеа во Охридското Езеро.

– Направена е ненадоместлива штета на езерото и нанесена е штета на афирмацијата на туризмот и заштитата на животната средина. Општината и градоначалникот се залагаат за што поскорешно ангажирање на инспекторатот, пред се за животна средина, да откријат кој е сторителот на ова злодело, изјави портпаролот на Општина Охрид, Никола Маневски, додавајќи дека ова е уште еден пример за ниското ниво на свест на одрени граѓани во заштитата н Охридското Езеро.

Како што веќе информиравме,  првичните  информации од истрагата укажуваат дека горивото било испуштено во канализационата мрежа во која биле пронајдени траги од деривати, а поради обилните врнежи непречистените атмосферски води завршија директно во Езерото.

По пријава на граѓани на местото на настанот излегоа претставници на Комуналната инспекција, екипи на МЈП „Проаква“, на Министерството за животна средина и просторно планирање  како и Државниот инспектор за животната средина Зоран Димовски кој допатува од Битола. Земени се проби за анализи кои треба да покажат за какво загадување се работи и од колкав обем.