Општина Охрид експресно реагираше на обвинувањата што ги изнесе владејачката ВМРО ДПМНЕ, која го обвини градоначалникот дека ненаменски ги троши парите на граѓаните за набавка на луксузно возило. Во соопштението на локалната самоуправа се вели:

„Плашејки се чашата на гневот кај граѓаните да не се прелие  по уште едно промашување, направено со отпуштањето на околу 1000 просветни работници од работа, на почетокот на учебната година, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја замае јавноста со вртење на вниманието  кон нешто друго- макар да е било што.

Тоа нешто друго, едноставно, е бајато, испревртено и невистинито. Кога се  знае дека подметнувањето доаѓа од човек кој не прави разлика дали зборува во име на владата или партијата, и човек кој прима плата од државата а во работно време држи партиски прес-конференции, тогаш станува јасно зошто мудриот народ од охридскиот крај го рекол она „Држ’ми го мајко копилево, да се искарам со…“

Лажната грижа на Бичиклиски и неговите налогодавци за економската криза, штедењето и тешкотиите во работењето, најдобро се гледа не преку депласираните напади врз охридскиот Градоначалник и Советот на општината, туку врз она што секој разумен во оваа држава веќе го има осудено: расфрлање државни пари за партиско – владино саморекламирање, финансирање разни шмизли, шољи и бикови по тротоарите, кампањи во кои се инвестираат стотици илјади евра- за да донесат нула инвестиции…

Што се однесува до денешните напади врз охридската локална власт, тие не само што се бајати работи и депласирани, туку се потврда на фактот дека портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ најдобро што научил е лажењето и непознавање основни работи.

 Предложениот и од сите присутни советници прифатен ребаланс на буџетот на општината предвиде набавка на 2 комби возила за да се обезбеди бесплатен превоз на ученици, спортисти, учесници на разни симпозиуми и советувања, членови на НВО и др. здруженија и организации.Значи, не за недомаќинско работење, туку, напротив, за поголеми заштеди.Токму заради заштеда на гориво и трошоци за одржување на возила а посебно заради избегнување на високите поштенски трошоци побарана е набавка и на 3 скутери за потребите на општината.
За ваша жал, господо од ВМРО-ДПМНЕ, не се работи за бесни скутери за брзи трки по Езерото што ги прават вашите послушници и поданици, туку за мотори-скутери, како најевтин превоз за секојдневна работа на инспекциските и курирските служби.

Патничкото возило кое го „вознемирило“ Бичиклиски, всушност е повторување на веќе донесена одлука од претходниот Совет на општината,  кој проценил  дека Охрид нема солидно возило за превоз на гости на разни манифестации  од државен карактер – барем од охридскиот Аеродром до вилскиот комплекс или хотелот во кој се сместуваат гостите и бизнисмените кои толку ги посакувате и вие од влада-партија.

Евентуалната набавка на тоа возило  ќе значи заштеда во трошоци за поправки на постојното  и веќе амортизирано возило, бидејќи трошоците за честите поправки се поголеми од набавка на ново возило на лизинг.
За волја на вистината, но не и на Бичиклиски, треба да се каже дека доколку владата на ВМРО не го запоставуваше Охрид и му доделеше едно од триесетте возилата кои ги распределуваше преку надлежното Министерство за образование и наука, тогаш ќе немаше потреба од таква ставка во ребалансот.
А што се однесува до презадолженоста на општина Охрид, само да ве потсетиме дека тоа го направија вашите градоначалници, а токму овој градоначалник успеа со добро менаџирање и целосна опструкција од вашата влада да го доведе тој долг на минимум. Воедно, и да направи повеќе од сите ваши градоначалници заедно.

Конечно,добро е за Бичиклиски и ВМРО-ДПМНЕ да научат да штедат како што прави општина Охрид за да биде добро на сите во државава.

И, конечно, добро е да научат дека  на малите деца им ставаат пипер во устата за да не лажат, а кога тоа го прават возрасните  – им се криват устите“, се наведува во реакцијата на Општина Охрид – Кабинет на Градоначалникот.

Ohridnews