Општина Охрид преку писмена реакција реагира на денешното соопштение од охридската ВМРО-Народна Партија.

-Денес ВМРО-НП покажа дека многу брзо го менува својот став со самото тоа што од општина Охрид јавно побара при изградбата на автобуската станица да се води по моделот на Јавното Приватно Партнерство за што остро реагираше и напаѓаше неодамна кога овој модел беше избран за изградбата на градскиот пазар. Па токму поради тоа ја запрашуваме ВМРО-НП за што се тие?! Дали имаат утврден став?! Локалната самоуправа и градоначалникот Никола Бакрачески при отуѓување на државното градежно земјиште, вклучувајќи го и земјиштето на кое е предвидена градба на модерна автобуска станица   се водат исклучиво од долгорочните интереси на градот Охрид  и  неговите граѓани, пишува во општинската реакција.

Во неа се напоменува дека општина Охрид ќе дозволи продажба на градежното земјиште  во оној момент кога таа соодејствува со намената што Локалната власт ја определи, односно за изградба на модерна автобуска станица која што треба да биде во интерес на идниот развој на градот Охрид.

-Продажбата нема никогаш да се случи според тоа дали на градот му требаат пари или не доколку таа  не содејствува со она што претставува долгорочна стратегија и визија за развој на  Охрид. Посочувајќи дека изминатиов период одредени политички субјекти настојуваа да ја разобличат вистината потсетуваме дека   се што ветил и онака како што им ветил на своите сограѓани во изборната програма Градоначалникот Никола Бакрачески ќе го реализира во својот мандат. Градоначалникот Бакрачески во својата изборна програма вети изградба на модерен затворен пазар по моделот на Јавно приватно партнерство и тоа го реализира. И во однос на изградбата на модерна автобуска станица општина Охрид ќе го избере најдобриот модел кој е во интерес на Охрид и охриѓани, се потенцира во реакцијата.