Општина Охрид со писмена реакција возврати на обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ во врска со долгот на локалната и извршувањата од страна на доверителите.
Откако четири години со прст не мрднаа за Охрид во безидејноста и немањето визија за решавање на проблемите, од ВМРО- ДПМНЕ се занимаваат со погрешна математика, велат од општината.
Вкупниот долг на Општина Охрид по сите основи заклучно со 30. 09 2017 година изнесуваше 1 616 000 000 денари од кои што во текот на 2017- 2018 година од сопствен буџет се исплатени 100 000 000 денари. Со процесот на раздолжување беа исплатени 500 000 000 денари , 260 000 000 остварени заштеди со намалување камати од страна на доверители, за 192 000 000 денари се склучени спогодби кои тековно се сервисираат од сопствен буџет. На сите склучени спогодби од 30.09 2018 година не течат камати, не се исплаќаат извршители . Долг којшто не е под спогодби , односно има сопствени налози за извршување е во износ од 134 000 000 денари. Овој долг заедно со каматите ќе биде предмет на следниот повик за раздолжување и финално деблокирање на општината. Според математиката на ДПМНЕ излегува дека вратиле долг од 800 000 000 денари, во превод тоа се два годишни буџети на Општина Охрид , што е едноставно невозможно. А, во буџетот за општината за период од четири години издвоиле 100 000 000 денари. Кој лаже??? – стои во реакцијата на Општина Охрид.
Oпозициската ВМРО ДПМНЕ, пак, не се согласува со изнесените бројки од локалната самоуправа и тврди дека тие се невистинити.
Јавно Ве повикуваме доставете официјален документ од Министерството за финансии каде што ја има точната бројка на долгот? Зошто по секоја цена дозволивте извршувања, на сметка на изостанување на капитални инвестиции во градот ако знаевте дека Владата на РМ дава пари за дел од раздолжувањата? Лажна ви е математиката затоа што: 1.616.000.000 – 500.000.000 – 260.000.000 – 100.000.000 = 756.000.000. Понатаму, дури и кога би додале и сума од минус 192.000.000 кои биле со договор за исплата, а не се исплатени, тогаш доаѓа завршно, еднакво на 564.000.000, а не 134.000.000 колку што излажавте претходно. – велат од ВМРО ДПМНЕ.
OhridNews