Стариот дрворед од липи и костени на улицата „Македонски Просветители“ се отстранува поради работните активности за реконструкција на улицата, согласно издаденото решение од Министерството за транспорт и врски, информираат од Општина Охрид.

 

Со реконструкцијата на улицата ќе биде отстранет стариот дрворед од липи и костени. За таа цел согласно  член 34 од Законот за урбано зеленило од страна на Градоначалникот , донесено е решение од 22.11.2021г. за отстранување на 49 липи и 13 костени кои се дрва со надмината физиолошка и биолошка возраст, дрва нападнати од карантински болести и штетници со значителни физички оштетувања по разни основи и заболени дрва кај кои не постои можност за успешно санирање на нивната здравствена состојба. Овие стебла се наоѓаат на потегот од пресекот со Кеј „Македонија“ до пресекот со ул. „Даме Груев“  и ќе бидат отстранети при изведување на првата фаза од реконструкцијата на булeварот „Македонски Просветители“, велат од Општина Охрид.

Од Локалната додаваат дека на потегот се наоѓаат и 10 млади стебла од јавор кои ќе бидат пресадени на друга локација, а по завршување на градежните активности, согласно предвидениот проект ќе биде засаден нов дрворед со соодветни садници.

 

OhridNews