Денес, во 11 часот, делегации на Локалната самоуправа, Советот на општината и Сојузот на борците на НОБ ќе положат цвеќе на спомен-бистите на загинатите борци во револуционерната борба за суверена и самостојна Република Македонија.

Пригодна свеченост по повод празникот,  со почеток во 10:30 часот, ќе се одржи и кај споменикот во месноста „Прентов мост“ кој е подигнат во чест на илинденските востаници од охридскиот крај, што ги положија животите во легендарната битка кај Рашанец.

Одборот за прослава при Месната заедница од село Плаќе,  2-ри август ќе го одбележи со културно-забавна програма во селото со почеток во 10:30 часот, каде е предвиден и имповизиран напад на селото од комитите, со цел оживување на минатото и олицетворување на вечната борба за слобода на македонскиот народ.

Свеченостите со кои Охрид ќе го одбележи годинешниот Илинден, ќе бидат збогатени и со спортски активности.

Во организација на Клубот на спортови на вода „Охридски бранови-2008“ од Охрид, а под покровителство на Советот на општина Охрид, денес, во 16 часот, на патеката „Горица-Охрид“ во должина од 2,5 километри, ќе стартува традиционалниот 31-ви по ред „Илинденски пливачки маратон-Охрид 2010“. Учество ќе земат 50 пливачи од повеќе клубови од Република Македонија, а ќе учествуваат и пливачи од странство.

Ohridnews