„Да гледаш, да не веруваш! Да се чудиш или да се крстиш!
По долго време, прв сончев, викенд – ден во Охрид, а пред општинската зграда група препознатливи личности на високи функции во државни институции ( добар дел од нив, во просек нешто над педесетина години, присутни и на студентските протести) протестираат затоа што градоначалникот на Општина Охрид бил на службен пат во Австралија, а тие биле многу загрижени за водостојот на Езерото и несреќни поради штетите што ги трпат граѓаните.
Луѓето ги познаваш и не им веруваш на сопствените очи! Само пред дваесетина денови, истите тие, но сега само како партиски декор, беа во позадината на почитуваниот млад пратеник и универзален експерт, Александар Николоски додека држеше прес-конференција и ја убедуваше охридската и македонската јавност дека во Охрид нема никакви поплави и дека градоначалникот сее паника само заради негово медиумско експонирање.
Истото, папагалски, го повторуваа и директорот на Агенцијата за спасување и министерот за транспорт и врски и премиерот и сите до еден кои беа на такавиканиот инстант протест на такавиканите загрижени граѓани.
Луѓе Божји,
Само за две недели, истите тие луѓе заборавија што самите зборуваа! И кога градоначалникот реши и тој да им поверува, бидејќи тие се големата власт и нивна е и надлежноста и обврската, ги фати таква хистерија што започнаа линч врз него.
Почитувани сограѓани,
Меѓу првите кои во Охрид беа загрижени за состојбите со поплавите, беше токму градоначалникот на Охрид. Презеде многу повеќе, отколку што беше негова надлежност. Апелираше, дури и ја молеше Владата благовремено да интервенира и да ги спречи штетите. Не што не го слушаа, дури и се потсмеваа.
И тогаш и сега, градоначалникот тврди дека има големи проблеми со водостојот на Езерото. И тогаш и сега се согласува дека треба да има протести. И не инстант и по нарачка, туку многу помасовни и спонтани. Но, таквите протести треба да бидат на вистинското место, таму каде што е вистинската одговорност за поплавите во Охрид и Струга.
Протестите треба да бидат пред ЕЛЕМ, во работниот кабинет на господинот Чингоски кој правеше калкулации и бизнис со увоз на електрична енергија.
Протестите треба да бидат во работните кабинети на директорот на Агенцијата за спасување, пратеникот Александар Николоски, и министерот за транспорт и врски, бидејќи не убедуваа дека нема никави проблеми.
Протестите треба да бидат во работниот кабинет на премиерот Никола Груески, бидејќи ги поставил претходно споменатите на нивните високи државни функции“ – се вели во соопштението на Оптина Охрид.