Во врска со наводите изнесени во јавноста дека има етничка селекција на ученици при уписите на првачиња во ООУ „Братство Единство“ и останатите основни училишта на територијата на градот, општина Охрид информира јдека врз основа на член 63 од Законот за основно образование („Сл.весник на РСМ “ 161/19), член 36 од Законот за локална самоуправа(„Сл.весник на РМ“ бр.5/02) и член 18 од Статутот на општина Охрид („Сл.гласник на 8/07, 01/08, 10/10, 05/11, 09/14, 14/14 и 10/19), Советот на општина Охрид на седницата одржана на 29.05.2020 година има донесено одлука за утврдување на реоните од кои се запишуваат учениците во основните училишта во општина Охрид.
Оваа одлука беше донесена врз основа на воочените недостатоци во делот на опфатот на реонот од училиштата и улиците во Одлуката за мрежата на основните училишта во општина Охрид од 11.05.1990 година (Службен гласник под бр.3 бр. 08 – 5953 донесена од Собранието на општина Охрид). Со новодонесената одлука за реонизација се направи соодветна измена и дополнување со што се овозможи упис на ученици во прво одделение во основните училишта на територијата на општина Охрид, согласно закон. – соопшти Општина Охрид.
Училишната мрежа на основното образование на подрачјето на општина Охрид ја сочинуваат 8 општински основни училишта во кои наставата се изведува на македонски јазик. Припадниците на заедниците кои следат настава на албански и турски јазик, се запишуваат во училиштето ООУ „Братство Единство“, освен оние ученици кои сами ќе изразат желба да одат во друго училиште, појаснуваат од Општина Охрид.
Ова основно училиште отсекогаш било вистински пример за соживот, меѓусебно почитување и толеранција и повеќе од седум децении функционира врз принципите на мултикултурализмот како основна вредност за заедништвото во едно општество. Ова го потврдуваат генерациите успешни и реализирани ученици од сите етнички заедници, голем број признанија и награди, како и успешната имплементација на меѓународни проекти за интеграција во образованието. Упатуваме апел до јавноста, до родителите, раководниот и наставниот кадар да постапуваат достоинствено и да не ги злоупотребуваат темите за мултиетнички соживот во негативна конотација, преку која се создава погрешна слика и се остава лош впечаток за мултиетничкото живеење во нашиот град. – велат од Општина Охрид.
Општината упати апел и до родителите, да ја почитуваат одлуката за реонизација на основни училишта во Охрид, да ги запишуваат учениците во ренското училиште и без објективни причини да не бараат потврди за промена на реонското училиште.
OhridNews