За новогодишното украсување на градот Охрид за следната година во Нацрт буџетот предвидени се 2 800 000 денари односно повеќе од 40 илјади евра беше соопштено на денешната одржана 50-та Седница на Совет.

Од страна на советникот Ванчо Костоски беше упатено прашање што е предвидено во овој износ на средства со оглед дека години нананзад се говори Општината да купи украси кои ќе останат во нејзината сопственост за да не се трошат средства за изнајмување на истите.

Во Програма за други комунални услуги за новогодишно украсување се предвидени 2 800 000 денари или повеќе од 40 илјади евра. Минатата година и годините наназад вакви средства се даваа само за изнајмување на опрема. И минатата година се кажа дека ќе биде последно да се изнајмува опремата за новогодишното украсување и се кажа дека оваа година Општината ќе купи сопствени матријали кои се потребни за украсување. Меѓутоа сакам да прашам дали за наредната година се планира да се купи со овие пари опремата или пак ќе се оди со изнајмување, тендерирање…?, рече Костоски.

Љупчо Танески од Секторот за комунални дејности при Општина Охрид посочи дека целта е општината постепено да набави сопствени новогодишни реквизити.

Во поглед на делот од средствата кои се издвоени за новогодишно украсување во Програмата за комунални услуги, дел се за плаќање по стари обврски, дел се за украсување во 2025 година и дел за набавка на нови реквизити. Општина Охрид располага со некои новогодишни реквизи, меѓутоа планот е во следните години постепено да се набавуваат новогодишни реквизи за по извесен период би биле целосно независни во поглед на новогодишното украсување, во поглед на објавување на тендери и слични постапки, истакна Танески.

Инаку, за годинава за новогодишното украсување на градот се издвоени околу 1 400 000 денари, а дополнително ќе бидат поставени и украсите кои се во сопственост на Општина Охрид. Истото треба да започне деновиве.

Н.С.Ј.