На прес конференцијата на советникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Иван Огненов, кој побара отчет за финансиското работење на општината, со реакција се јави локалната самоуправа. Во соопштението се вели:

„Загриженоста на охридската ВМРО-ДПМНЕ за парите од буџетот, за нивното трошење и давање финансиски извештај од страна на Градоначалникот, би била искрена и конструктивна доколку загриженоста на осиромашените граѓани ја насочи кон Владата и нивниот лидер Груески.

Сето друго што го чини оваа партија на своите пресови е чист популизам и замена на тезите за создавање „ сиромав народ во богата држава“. Во тој поглед градоначалникот Петрески ја разбира нивната загриженост. Кутрите, мислат дека  со општинските пари се работи онака како што Владата ги фрла народните пари на спотови, реклами и величење на промашени инвестиции како „Сведмилк“. За нивна жал, тоа не е така. Но, градоначалникот ги разбира бидејки немаат  со што да излезат пред граѓаните   а тоа  да е точно и остварливо.

Дека е така потврдија и со денешниот прес:  немаат што поконструктивно да му понудат на народот кој го доживува денеска фијаското на „проектот“ ИЧ ПЛАТА. Затоа, поразумно им е да се подготвуваат да поднесат сметка пред избирачите за промашените изборни ветувања. А, за извештаи и слични отчети од страна на Градоначалнкот, постојат овластени институции. Неговото работење па и сето она што сеуште е нејасно за ВМРО-ДПМНЕ, ќе го оценуваат самите граѓани на претстојните избори. За тоа е најмалку повикана  партијата која си доделува улога и на политички субјект, и на контролна институција (наместо УЈП, Антикорупциска,Завод за ревизија) и на арбитер; и на тужител и на Суд! Само, да не се прогласи себеси и за полномошник на Свети Петар на Земјата!“, се вели во соопштението на локалната самоуправа.

Ohridnews