Општина Охрид преку пимено соопштение испратено до медиумите реагираше на денешните обвинувања од Општинската организација на СДСМ, Охрид.
-Лицето на кое се однесува денешното соопштението на СДСМ-Охрид е ангажирано во општина Охрид од страна на претходниот градоначалник на работни задачи во Секторот за урбанизам уште од 26.01.2012 г., или 14 месеци пред преземањето на мандатот од страна на сегашниот градоначалник Никола Бакрачески, со што недвосмислено паѓаат во вода обвинувањата на СДСМ-Охрид дека сегашното раководство на општината ангажирало лица врз основа на било каква партиска припадност. На истото лице му е отповикано овластувањето и нема никаков ангажман во општина Охрид, стои во општинската реакција.
Во неа се појаснува дека во процесот на изготвување на решенијата за легализација учествуваат повеќе лица од различни профили и истите после финална проверка се одобруваат и потпишуваат од страна на раководителите во Секторот за урбанизам и се донесуваат од страна на градоначалникот.
-Од тие причини законитоста на решенијата за легализација не може да се доведе во прашање. Општина Охрид како и до сега продолжува да работи транспарентно и отчетно и во тој контекст ги презеде сите потребни законски дејствија во рамките на своите надлежности за евалуација и расчистување на овој случај, нагласуваат од општина Охрид.
Оттаму ги повикуваат надлежните институциите да постапат согласно прописите.
OhridNews