Општина Охрид издава 6 локации за поставување на урбана опрема за забава на отворено за комерцијално користење.
Според огласот кој беше објавен деновиве, локациите за поставување на овој вид опрема се наоѓаат на улицата „1-ви Мај“ која е забранета за сообраќај. Првите две локации се со површина од 50 метри квадратн. Третата и четвртата локација се со површина од 100 метри квадратни, а петата и шестата локација имаат површина од 200 метри квадратни. Графички приказ со нумерички ознаки на локациите се дадени во планот на Годишната програма за поставување на урбана опрема за 2015 година.
Локациите за поставување на урбаната опрема ќе се издаваат за времетраење од 90 денови, а почетната цена за издавање на една локација е 250 денари за метар квадратен за еден месец. Во почетната цена за издавање на локација не се содржани трошоците за комунална такса, одржување на хигиена, приклучок и трошок за електрична енергија.
На огласот можат да се пријават физички и правни лица регистрирани за соодветно вршење на дејноста, а понудите може да се достават најдоцна до 8-ми јуни 2015 година. Јавното наддавање ќе се одржи по евалуација на доставените понуди, а датумот ќе биде дополнително утврден.
OhridNews