Откако OhridNews ја објави информацијата за новиот оглас за Одржување на јавното осветлување, проширување на мрежите за јавно осветлување и изведба на електро инсталации за потребите на општина Охрид, охридската Локална самоуправа испрати писмено соопштение во кое објаснува зошто е распишан овој оглас и покрај тоа што општината веќе има договорот за Јавно-приватно партнерство со Фирмата „ИСЦ-Системи“ од Карлови Вари, Чешка, која во наредните 15 години треба да се грижи за осветлувањето во Охрид.

-Општина Охрид постапувајќи согласно со усвоената Физибилити студија за оправданоста од воспоставување на Договор за Јавно-приватно партнерство и Одлуката на Советот за започнување на Јавно-приватно партнерство согласно постојната законска регулатива, објави оглас и изврши избор на јавен приватен партнер кој ќе го модернизира одржува и проширува системот за јавно осветлување во наредните петнаесет години. Реализацијата на договорот согласно истиот треба да се изврши во рок од шест месеци по солемнизација на договорот и издавање на налог од општина Охрид, се вели во соопштението на општината..

Во него се појаснува дека во овој шестмесечен период јавниот партнер е должен да изготви технички проект, најдоцна 60 дена по солемнизација на договорот според постојниот динамички план за работа.

-По одобрување на техничкиот проект од страна на стручните служби на општината, приватниот партнер треба да започне со реализација на договорот односно со целосна промена на светлосните тела со штедливи светилки како и поставување на дополнителни електро материјали рефлектори, фенери, конзоли и друго согласно техничката спецификација на огласот. Од изнесеното се гледа дека процесот на реализација на Договорот за ЈПП во однос на промена на светилките би траел најмалку шест месеци не сметајќи го потребното време за актите кои претходат на склучувањето на договорот како што се доставување на банкарска гаранција од приватниот партнер, доставување на дополнителна тековна состојба, појаснуваат од надлежните општински служби.

Оттаму додаваат дека токму поради горенаведениот потребен период, а поаѓајќи од законската обврска, општина Охрид распиша оглас за одржување на јавното осветлување со цел на своите граѓани и туристи да им овозможи минимум функционално осветлување на постојниот сегашен систем за осветлување до целосна реализација на договорот на ЈПП.

-Општината во пресрет на претстојната  туристичка сезона мора да изврши промена на прегорените сијалици, отстранување на тековните дефекти и да обезбеди и други материјали неопходни за функционирање на системот за јавно осветлување. Воедно сакаме да објасниме дека објавениот оглас за одржување на јавното осветлување содржи и набавка на потребните електрични материјали за инсталации во објекти во кои спаѓаат општинска зграда, училишта, детски градинки кои не се обврска опфатена со Договорот за ЈПП како и изведба на кабловски водови за изведба на одредени проекти, кои исто така не се обврска предвидена во Договорот за ЈПП ниту пак можат да бидат предмет на истиот, пишува во општинското соопштение.

Во него се појаснува дека износот од 5.918.078, 00 денари на кој е распишан огласот за Одржување на системот за јавно улично осветлување, претставува проценета рамка и не значи дека истата во целост ќе биде потрошена.

-Од наведениот износ ќе бидат исплатени само обврски за работи и материјали кои во периодов до имплементација на Договорот за ЈПП ќе бидат искористени. Општината поаѓајќи од законската обврска има целосна должност кон  граѓаните за обезбедување на минимум функционален систем за осветлување во периодот до реализација на склучениот договор за ЈПП. Од тие причини е објавен оглас за одржување на постојниот систем на јавно осветлување како обврска за одржување на истиот во периодот до целосна имплементација на обврските на приватниот партнер, потенцираат од општината.

OhridNews

Распишан нов оглас за одржување на јавното осветлување во Охрид, нема информација за реализација на договорот со чешката фирма