Општина Охрид на Владиниот повик во февруари следната година ќе аплицира за добивање средства за проектот за Свињишки извори. Ова беше истакнато на денешната одржана четириесет и седма седница на Совет. Беше потенцирано дека станува збор за проект за чија реализација потребна е поголема сум на средства и планот е истиот етапно да се реализира.

Во насока на доделените финансиски средства од страна на Владата за десетте проекти за кои веќе се потпишани договорите на денешната седница беа изгласани измените и дополнувањата на развојната програма за уредување на градежното земјиште за 2024-2026 година, програмата за уредување на градежното земјиште за 2024 година и измената на распоредот на средства од буџетот на Општина Охрид за 2024 година.

Како што истакна секретарот Александар Китески овие измени се потребни да се добие во време, да се предвидат средствата во буџетот на Oпштина Охрид и да почнат постапки за избор на изведувачи по однос на проектите.

Добро е што дојдоа вакви точки на Дневен ред после државната помош на општините со земањето кредит, добро е се што ќе се направи, меѓу нив и улички, асфалтирања, меѓутоа мое мислење е дека подобро ќе беше оваа сума на пари да се искористи за проекти кои ќе носат нова вредност, истакна советникот Вачно Костоски.

Мојот предлог би бил да се направи еден поголем проект како дополнување на водоснабдувањето на Општина Охрид, односно така познатите Свињишки извори со кои ќе се донесеше нова квалитетна вода за пиење, по природен пат и на ЈП Водовод ќе му беа намалени сметките за електрична енергија. Тој проект ако се направи 30-тина година Охрид ќе нема проблем со водоснабдувањето. На истиот тој може и да се направат една до две хидроцентрали, со што ќе има дополнителни средства општината или јавното претпријатие кое ќе стопанисува со тој водовод. Не дека овие проекти кои добија финансиска поддршка не треба да се реализираат, но истите можеа и од самиот буџет постепено, истакна Костоски.

Секретарот Китески посочи дека секој еден проект кој е за доброто на граѓаните на Охрид треба да се поддржи.

Сега имаме реконструкции на улици, фекална канализација, водоводна линија, целосна промена на опремата на пумпната станица Метропол и тоа е исто многу важно за понатамошното функционирање на ЈП Водовод со што би се намалиле трошоците. Покрај овој повик кој беше сега со кој ни се одобрени околу 2 милиони евра, следната година во февруари ќе има нов јавен повик од страна на Владата каде наместо 40 евра по глава на жител ќе добиеме околу 130 евра по глава на жител во Охрид. Тоа се некаде околу 7 милиони евра за следната година. Наш план е да аплицираме со проектот за Свињишки извори. И на претходни седници на Совет го имаме споменато како проект. Пред две години направивме испитување на изворите каде се утврди дека има доволно сила и доколку се донесе таа вода и Охрид се водоснабдува од Свињишки извори околу 60% од градот би се водоснабдувал по природен тек. Тоа е нашиот план и се надевам дека на следниот повик ќе пристапиме кон реализација на тој проект. Но, неговата реализација нема да биде одеднаш, бидејќи е скап проект кој би чинел од 6-8 милиони евра. Од следната година би го имале во план овој проект кој би го решавале во неколку фази и се надевам дека првата фаза од реализација на тој проект би била следната година на повикот во февруари, рече Китески.

Костоски посочи дека не потценува ниту еден проект, но ќе беше добро да се искористат средства за проектот за Свињишки извори, посочувајќи дека ја поздравува намерата за аплицирање со истиот на следниот повик од Владата.

Пред две години на мое залагање се издејствуваа некаде 3 милиони денари за почнување на проект за каптажа на изворот во Свињиште, но не сум сигурен дека тие пари се искористија. Ќе биде добро ако се направи еден покрупен проект, бидејќи вакви пари наеднаш Општината не може да ги озбезбеди од три буџети, а не пак од еден. Целта ми беше кога ќе дава државата поголема сума на пари да се искористат за поголем проект, а овие помали проекти се секојдневие на општината кои може да ги прави во две-три години од мандатот, додаде Костоски.

Н.С.Ј.