Општина Охрид распиша оглас за ангажирање на 11 лица во рамки на програмата „Општинско корисна работа“. Оваа програма на долгорочно невработени лица им нуди можност за социјална вклученост преку работно ангажирање со скратено работно време од 20 часа неделно.

Преку овој оглас ќе бидат ангажирани по три воспитувачи, три негователи и по еден социјален работник, педагог, психолог, правник и техничко лице, кои ќе добиваат бруто надоместок од 6.200 денари, со цел стекнување на одредени вештини и постепено вклучување на пазарот на трудот.

Предност ќе имаат кандидатите кои исполнуваат некој од следните критериуми, односно доколку се: жртви на семејно насилство, лица кои до 18 години имале статус на деца без родители и родителска грижа, самохрани родители, роми, невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку 1 година, млади невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку 6 месеци, родители на деца со пречки во развојот, родители на 3 и повеќе деца.

Кандидатите треба да достават пријава и изјава кои ќе можат да ги подигнат и достават во Агенцијата за вработување, а пријавите  ќе може да се доставуваат до 22-ти мај 2015 година.

OhridNews