Општина Охрид деновиве преку Електронскиот систем за јавни набавки објави јавен оглас за купување на две нови патнички моторни возила за потребите на општинската администрација.
Износот на оваа јавна набавка е околу 50.000 евра или точно 3.127.118,64 денари, а критериум за избор на добавувачот на возилата ќе биде најниската понудена цена. Според јавниот оглас, предметот за јавна набавка може да биде делив, а еден од условите за склучување на договорот е купување на одложено плаќање. Рокот за поднесување на понудите истекува на 30-ти септември 2015 година во 14 часот, кога ќе се одржи и јавното отварање на истите.
-Во тендерската документација се пропишани техничките карактеристики со кои треба да располагаат возилата. Едното возило треба да биде од средна класа и истото ќе се користи за патувања на подолги релации надвор од Охрид, а другото возило треба да биде од пониска класа и ќе се користи за службени патувања на пократки релации. Средствата за набавка на возилата ќе бидат обезбедени од буџетот на општина Охрид, односно 25% се предвидени од буџетот за оваа година, а другите средства ќе бидат исплатени на 48 рати, ни објасни во телефонски разговор Тони Иваноски, раководител на сектор за финансии при општина Охрид.
Инаку Советот на општина Охрид на седницата одржана на 26-ти август 2015 година донесе одлука за отстапување на две возила марка Форд Фиеста (произведени 2005 година) на ЈП „Билјанини Извори“ и на ЈП „Градски пазар“. Според одлуката, наведените патнички моторни возила се отстапуваат на времено користење во времетраење од три години со можност договорот да биде прекинат доколку се јават дополнителни потреби за користење на возилата од страна на општината.
OhridNews