Ова меѓу другото е една главните новини во законите за градежно земјиште, за градење и урбанистичко планирање, што неодамна беа усвоени од Собранието. За нивните компаративни вредности во Охрид од денеска разговараат претставници на општините, Министерството за транспорт и стручната јавност.
Според градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, распределбата на средствата од продажба на градежното зејмиште во сооднос 60% за државата, 40% за локалните самоуправи, ќе придонесе за зголемување на економскиот развој на општините. Особено тое е важно за општина Охрид која е една од поатрактивните општини, вели Петрески. Според него со новиот закон исто така ќе се забрза процесот на издавање на градежни дозволи , но исто така ќе се дефинира и одговорноста на институциите.
Градоначалниците задоволни од новите закони
Петрески смета дека новите закони во сферата на урбанизмот се чекор напред во процесот на децентрализација која мора да продолжи и во другите области, како што е даночната политика. Тој посочи дека во моментов општините во Македонија добиваат само 3% од даноците, додека општините во Европа добиваат од 50-70%.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески информираше дека новите закони заедно со подзаконските акти од сферата на урбанизмот кои се во завршна фаза, се чекор напред кон целосна либерализација во урбанизмот. Сепак според него сеуште не се создадени услови градежното земјиште целосно да премине во раце на општините, за што според него треба да се зголемат административните капацитети на локалните самоуправи.
Министерот Јанакиески
Новите закони од сферата на урбанизмот позитивно ги оцени и Комората на архитекти и инженери. Таа најави дека наскоро ќе започне издавање на нови лиценци за вршење градежна дејност, што заедно со новите попрецизни законски акти треба да придонесе кон воведување ред во урбанизмот.