Употребеното масло за јадење, кое во големи количини се создава во угостителството, наместо да се фрла, ќе се складира и од него ќе се произведува биогориво. На иницијатива на Одделението за урбанизам и заштита на животната средина при општина Охрид, започна решавањето на  проблемот со отпадното масло за јадење од хотелите, рестораните, сендвичарите и други создавачини на овој вид неопасен отпад.

– Фирмата „Суниленс“ од Скопје која единствено има дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање за управување  и преработка на ваков вид масла, започна со склучување на договори за собирање на отпадното масло од територијата на општина Охрид. На фирмите им се даваат специјални садови каде се собира употребеното масло кое се транспортира во Скопје каде се преработува во специјален погон, се рециклира и од него се добива биогориво, информираат од Одделението за урбанизам и заштита на животната средина.

За два и пол месеци откако функционира овој погон за рециклирање од целата држава собрани се 25 тони отпадно масло, кое по преработката во вид на биогориво извезено е во Австрија.

Од одделението за урбанизам и заштита на животната средина најавуваат дека собирањето на отпадното масло за јадење ќе продолжи и натаму за што ќе бидат контактирани сите создавачи на ваков неопасен отпад.

Крајна цел е да се допреме и до домаќинствата и нив да им се достават помали садови во кои ќе се собира отпадното масло. На овој начин со примена на новата еколошка технологија целосно ќе се реши проблемот со одлагање на отпадното масло кое најчесто завршува во канализација или во контејнерите, а неретко и во природата, велат од Одделението за урбанизам и заштита на животната средина.

Ohridnews