Градоначалникот на Општина Охрид и Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, ги распишаа конкурсите за доделување на општинските награди Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ и за Повелбата – Патрон на градот “Св.Климент Охридски” за 2021 година по повод 8-декември „Св. Климент Охридски.
Наградата Патрон на градот, се доделува за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење за Општина Охрид и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и светот. Право на учество на Конкурсот имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци. Заинтересираните учесници во пријавата треба да се достават кратка биографија и образложение за какви остварувања и придонес станува збор. Исто така, кон пријавата потребно е да се достави и најмалку една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од областа за која се конкурура. Наградата Патрон на градот “Св. Климент Охридски” се доделува на еден добитник само еднаш и истата не може да се дели меѓу повеќе добитници.
Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во равојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид во Република Македонија и во светот, во период од една година. Право на учество на Конкурсот имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци. Во пријавата треба да се достави кратка биографија и образложение за какви остварувања се конкурира и најмалку барем една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од областа во која се конкурира. Повелбата може да се додели максимум на пет добитници, информираат од Општина Охрид.
Конкурсите траат 15 дена сметано од денот на објавувањето.
OhridNews