Општината Охрид смета дека блокадата на исплатата на плати за вработените во 12 основни и средни училишта во градот е недоразбирање, кое брзо ќе биде надминато. Како што објави OhridNews,  Министерството за финансии не ги префрла потребните средства се додека не се утврди дали зголемувањето на платите за околу 2000 денари на 12 училишни секретари, извршено оваа пролет со одлука на советот на општината, а согласно законот за државни службеници, е основано или не е.

Во меѓувреме била покрената постапка пред надлежните институции за преиспитување на таквата одлука, а Министерството за образование со допис ја известило општината дека платата на вработените во училиштата треба да се пресметува врз основа на Колективниот договор, а не според Законот за државни службеници. Од општината велат дека проблемот е во толкувањето на законите, бидејќи секретарите во училиштата не се просветни работници, туку државни службеници.

Во комуникација сме со надлежните министерства за решавање на проблемот, иако до овој момент од финансии немаме добиено официјално образложение зошто доцни трансферот на средства. Ние ќе побараме автентично толкување на законот во Собранието на Република Македонија, а во меѓувреме подготвени сме да изготвиме пресметки според старата методологија, се со цел вработените во образованието да ги добијат личните примања.

Сектор за образование и култура при општина Охрид

Од локалната информираат дека во тек се разговори со претставници на надлежните министерства за деблокирање на исплатата на платите за вработените во охридските училишта и очекуваат проблемот да биде надминат до понеделник.

Г.М.

Пoради проблем со зголемување на платите на училишните секретари блокирани платите на наставниот кадар во Охрид