Одобрени сите 10 проекти на Општина Охрид со кои аплицираше на Јавниот повик за изразување на интерес од страна на општините за финанасирање на инфраструктурни проекти објавен од страна на Министерството за локална самоуправа.
На одржаната владина седница беа одобрени сите 10 проекти, информираат од Општина Охрид.
Проектите на локалната самоуправа со кои аплицираше и беа прифатени се однесуваат на реконструкција на улици во село Пештани, село Подмоље и село Долно Лекочереј, реконструкција на водоводна линија на ул. „Кленоец“ ЛТХ „Леарница, реконструкција на пешачки улици во рамките на градските гробишта во Охрид, реконструкција на локален пат од крстосница за село Рамне до црква „Свети Атанасиј“, проект за замена на постоечка опрема во пумпна станица „Метропол“, реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа за дел од улица „Кленоец“, реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан и проект за рехабилитација на дел од локален пат за село Куратица.
Целта е подобрување на условите за живеење во сите урбани и рурални средини, потенцираат од Општина Охрид.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека повеќе од 270 проекти од речиси сите општини кои конкурирале на повикот за помош на единиците на локалната самоуправа се потврдени на владина седница.
Потврдени се повеќе од 270 проекти кои се во речиси сите општини. Ова не се проекти во кои што градоначалници се од ВМРО-ДПМНЕ или владината коалиција, туку и градоначалници што доаѓаат од СДСМ, ДУИ или независни градоначалници, затоа што ние се бориме за секој милиметар квадратен на целата територија на државата, секое парче земја ни е важно и секаде сакаме да инвестираме. Очекувам следната недела договорите да бидат потпишани и да почне спроведувањето на оваа историска реализација на проекти за кои ќе се вложат повеќе од 4 милијарди денари. На следната владина седница ќе има мало продолжување на рокот бидејќи во проектите на некои од општините е потребно дел од документите што недостасуваат да ги обезбедат. Мислам дека рокот ќе биде разумен, до 10 или 15 ноември да ги доподнесат проектите и откако тоа формално ќе биде завршено, очекувам и тие да бидат вклучени во првиот бран. Ветената сума од 6 милијарди очекуваме до крајот на годината да биде испорачана, а веќе следната година ќе има 15 милијарди, што значи од централниот буџет кон општините ќе бидат испорачани проекти од околу 21 милијарда денари, истакна Мицкоски.
Претседателот на Владата воедно апелираше општините Струмица, Теарце и Сарај, како и Град Скопје, кои не добија пари за ниеден проект со кој аплицирале, да го искористат продолжениот рок за поднесување на нови комунални проекти.
Н.С.Ј.