Општина Охрид аплицираше со 10 инфраструктурни проекти на Јавниот повик за изразување на интерес од страна на општините за финанасирање на инфраструктурни проекти, објавен од страна на Министерството за локална самоуправа.
Од Општина Охрид посочуваат дека станува збор за проекти кои се однесуваат на реконструкција на улици во село Пештани, село Подмоље и село Долно Лекочереј, реконструкција на водоводна линија на ул.„Кленоец“ ЛТХ „Леарница, реконструкција на пешачки улици во рамките на градските гробишта во Охрид, реконструкција на локален пат од крстосница за село Рамне до црква „Свети Атанасиј“, проект за замена на постоечка опрема во пумпна станица „Метропол“, реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа за дел од улица „Кленоец“, реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан и проект за рехабилитација на дел од локален пат за село Куратица.
Подобрување на условите за живеење во сите урбани и рурални средини во Општина Охрид останува наш приоритет и продолжуваме со уште посилно темпо да реализираме низа проекти во интерес на граѓаните, потенцираат.
Рокот во којшто општините треба да го пополнат апликативниот формулар за јавниот повик за реализација на проекти во вкупна вредност од 250 милиони евра што го распиша Министерството за локална самоуправа истекува денес.
По добивање на апликативните формулари, почнува процесот на евалуација која се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на владина седница.
Н.С.Ј.