Откако ја пропуштија шансата во периодот кога владееја со Охрид да го спречат уништувањето и пропаѓањето на малото пристаниште, а со тоа директно допринесоа во создавањето на оваа рушевина во Охрид, денес охридските социјалдемократи веројатно понесени единствено од сопствената неспособност, незнаење и немање капацитет на нивниот раководен тим кој претходно раководеше со локалната самоуправа и силно поттикнати од сопствената суета повторно на прес конференција надвор од Советот на општина Охрид изнесуваат тешки лаги и шпекулации, се наведува во реакцијата на локалната самоуправа во врска со денес одржаната прес конференција на советниците од СДСМ.
– Апсурдно е оние кои на Охрид му нанесоа непоправлива штета во сите сегменти од живеењето денес да зборуваат за спроведување на постапки и процедури. Особено не разочаруваат елементарните непознавања од водење економија, буџетирање и финансирање на единици на Локалната самоуправа на координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски кој воедно е и професор на Факултетот за Туризам и Угостителство. При реализацијата на проектите не правиме разлика дали тој проект ќе биде реализиран преку јавен или приватен сектор, а единствената грижа ни е тој проект да донесе добро за граѓаните на Охрид, велат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека реализацијата на проектот за реконструкција на малото пристаниште на граѓаните на Охрид ќе им овозможи повеќекратна корист, при што сегашното руинирано и небезбедно пристаниште ќе се изгради во уреден простор кој ќе ги исполнува сите потребни стандарди за таков вид на градба.
– На тој простор ќе биде изградена и слободна плажа која охриѓани ќе може бесплатно да ја користат. Оваа плажа ќе ги врати спомените на охриѓани на едно убаво време кога на тој простор имаше плажа и за среќа има некој кој во својата визија предвидел обнова на добро познатата плажа од минатото на тој дел. Ќе биде изграден и ресторан којшто ќе ја зголеми атрактивноста на овој простор и секако ќе ја збогати туристичката понуда на Охрид и дополнително ќе овозможи 10-15 луѓе да ја најдат сопствената егзистенција што секако од аспект на отворање нови работни места за нас значи многу, велат од локалната самоуправа.
Додаваат дека сите постапки се транспарентни, достапни за советниците граѓаните.
– Изградбата на слободна плажа во Лагадин е одраз на нашата грижа за Охрид и охриѓани. Плажата ќе биде слободна а охриѓани и туристите ќе немаат обврска да плаќаат ништо кон никого, притоа ќе може на плажата да внесат реквизити , храна пијалаци по сопствена потреба. Граѓаните со право бараа од нас плажа од овој тип и согласно нашето ветување пристапуваме кон реализација на овој проект. Ние немаме бизнис интереси. Нашиот единствен интерес е задоволување на потребите на граѓаните на Охрид и подобрување на квалитетот на живот на охриѓани, потенцираат од локалната самоуправа.
OhridNews