Обвинувањата од општинската СДСМ дека ветените проекти од страна на градоначалникот Никола Бакрачески не се остваруваат, од локалната самоуправа ги оценуваат како очајни и безуспешни.
– Граѓаните знаат дека оваа локална самоуправа, на чело со градоначалникот Никола Бакрачески , домаќински менаџира со народните пари и ги реализира најавените проекти без создаваање долгови, за разлика од претходната која ветуваше, не го реализираше ветеното, а финансиски ја презадолжи општина Охрид. За 2 и пол години реализирани се 129, а во тек на реализација се 58 проекти, сите се финансиски покриени и се реализираат со строго почитување на законските прописи. Вратени се околу 9 милиони евра од големиот долг што го направи претходната локална власт, велат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека пред фактите не знаат или не сакаат да молчат само од СДСМ.
– Тие знаат и сакаат само да ги манипулираат сопствените граѓани, кои за нивна несреќа не наседнуваат на ситнополитички местенки. Убедени сме дека се поголем е бројот на нивни членови и симпатизери кои не им веруваат, зошто тие минуваат по новоасфалтирани и реконструирани улици и тротоари, нивните домови се вклучени на нова водводна, фекална и атмосферска канализациона мрежа, уживаат во убавините на новите паркови, а нивните деца учат во реновирани училишта. За разлика од раководството на СДСМ од Охрид, граѓаните знаат и се радуваат кога гледаат дека се градат улиците „Питу Гули“ и Ристо Чадо„ , кога поминуваат кај новиот кружен тек, кога се шетаат по новата патека кон „Горица“ и уживаат во нејзината уреденост. Се радуваат и на другите проекти, но и во драстично изменетата атмосфера во Охрид, кој наликува на најатрактивните туристички дестинации, се наведува во реакцијата од локалната самоуправа.
Додаваат дека во СДСМ конечно треба да сфатат дека граѓаните се радуваат кога се гради и кога знаат како се трошат нивните пари, а гневни се кога некој ги лаже и манипулира.
OhridNews